Развој на акциски планови поврзани со климатските промени во секторите здравство, образование, труд и социјална политика

Во рамките на проектот „Градење капацитети за одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“ започна процесот за изработка на акциски документи за секторите здравство, образование, труд и социјална политика од аспект на климатските промени и тоа:

  1. Акциски план за декарбонизација на здравствениот сектор;
  2. Акциски план за интеграција на образование за одржлив развој и климатски промени во основното, средното (вклучувајќи го и стручното) и високото образование како и во и образованието за возрасни; и
  3. Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово сензитивно и инклузивно вработување во клучните економски сектори во државата.

Во периодот 13-18 јуни беа организирани три секторски работилници со цел да започне процесот за развој на акциските планови со сите засегнати чинители врз основа на направените секторски анализи и постојните стратешки документи на државата. Исто така, беа презентирани, а воедно и консултирани првичните наоди и препораки од анализите во секој од секторите поединечно, имено секторите здравство, образование, труд и социјална политика. Впрочем, акциските документи треба да ги идентификуваат тековните потреби и иницијативи за справување со климатските промени во секој од целните сектори, за секоја од назначените проблематики. За успешноста на работилниците активно придонесоа претставници на државните институции, министерствата и соодветните агенции и установи. Дополнително, дискусиите беа збогатени и со учеството на претставници на граѓанскиот сектор и меѓународните партнери и организации во државата.

Во периодот што претстои ќе бидат финализирани и споделени секторските анализи, додека пак проектниот тим заедно со ангажираните национални и меѓународни експерти ќе пружи поддршка на релевантните министерства и засегнати чинители со цел дефинирање и утврдување на иницијативите за акциските планови. Потоа, ќе следи низа на дополнителни консултации за да се финализираат акциските документи и да се утврдат мерките и иницијативите од аспект на климатски промени во овие три сектори, како и потенцијалните можности за обезбедување на финансиски средства за реализација на мерките.

Преку овие активности и подготовката на Акцискиот план за декарбонизација на здравствениот сектор ќе се идентификуваат иницијативи за намалување на емисиите на стакленички гасови при загревање, ладење и одржување на објектите на здравствените установи во државата. Дополнително, ќе бидат согледани и можностите за намалување на емисиите преку унапредување на транспортната инфраструктура и возниот парк во болниците. Конечно, како дополнителен сегмент во изработката на акцискиот план ќе бидат идентификувани и мерки за намалување на емисиите од третман на медицинскиот отпад.

Во секторот образование главната цел е да се зајакнат капацитетите како на централно ниво, кај надлежните институции, така и на локално ниво кај самите училишта за имплементација на концептот Образование за одржлив развој. Дополнително, предложените иницијативи и мерки треба да овозможат холистички пристап во процесот на учење, односно учениците да можат тоа што го учат и да го применуваат за време на нивниот престој во училиште.

Акцискиот план за секторот вработување, труд и социјални политики, треба да им овозможи насока на носителите на стратешката и законодавната рамка, како и на институциите кои ги имплементираат мерките за поддршка на приватниот сектор во насока на постигнување на праведна транзиција, соодветни услови за преквалификација и доквалификација на побаруваните занимања согласно најновите трендови за циркуларна, зелена и одржлива економија.

Проектот „Градење капацитети за одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“ го спроведува Национално назначениот орган за соработка со  Зелениот климатски фонд, а во партнерство со Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ).

Агенда и презентации:

Фотографии

 

 

 

НАШИОТ БИЛТЕН

Пријавете се за билтенот “Северна Македонија и Зелениот климатски фонд” за да ги добиете најновите вести за ангажманот на земјата со Зелениот климатски фонд, вклучително приоритети, процедури, ресурси, консултации, вести и настани поврзани со Зелениот климатски фонд во Република Северна Македонија.

 
TOP