Јавен повик: Проектни идеи за поддршка од Зелен климатски фонд во Северна Македонија (2025)
Владата на Република Северна Македонија, претставувана од Кабинетот на Претседателот на Владата како Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд (Green Climate Fund) објавува Јавен повик за доставување проектни идеи кои се однесуваат и одговараат на предизвиците од климатските промени.
Овој јавен повик има за цел да ги насочи проектните идеи со потенцијал за климатска адаптација/ублажување за разгледување на национално ниво, како прв чекор во процесот на развој на проектни предлози (Проектна идеја, Концепт белешка и Целосен проектен предлог) за доставување до Зелениот климатски фонд за финансирање преку грантови, заеми, капитални вложувања и гаранции.
Зелен климатски фонд – накратко
Зелениот климатски фонд (ЗКФ) е глобален фонд формиран од Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC) со цел да ги поддржи напорите на земјите во развој за справување со предизвиците од климатските промени (https://www.greenclimate.fund/home). Главниот принцип на ЗКФ, како глобален фонд, е да поттикне промена на парадигмата кон развој со ниски емисии и отпорен на климатските промени во сите земји.
Одобрување на проектните идеи
Белешките за проектни идеи треба да бидат пополнети и доставени онлајн до Националниот назначен орган (ННО) преку следниот линк: www.greendevelopment.mk/faoprojects/Account/Login, за да бидат прифатливи и предмет на постапка за приоритизација, со цел да се утврди можноста за нивно вклучување во Националната програма за Зелениот климатски фонд.
Секоја проектна идеја треба да биде во согласност со приоритетните сектори/акции за ублажување и адаптација на земјата, веќе дефинирани во националните стратешки документи, како и со стратешките области на влијание на Зелениот климатски фонд.
Како да аплицирате?
Овој повик е отворен за сите заинтересирани засегнати страни. Секое правно лица со идеи за климатски инвестиции се охрабрува да развие проектна идеја.
Апликантите треба да ја пополнат белешката за проектна идеја на англиски јазик, користејќи го електронскиот образец достапен на веб-страницата www.greendevelopment.mk, во делот „Поднеси проектна идеја“.
Пред да започнат со развој на својата проектна идеја, апликантите треба да се регистрираат на www.greendevelopment.mk/faoprojects/Account/Login за да пристапат до страницата „Белешки за проектни идеи“.
Рок за поднесување на проектни идеи
Апликантите треба да ја достават целосно пополнетата белешка за проектна идеја, најдоцна до понеделник, 3 ноември 2025 година, во 16:00 часот.
Поддржувачки документи
За насоки поврзани со ЗКФ, вклучувајќи ги стратешките области на влијание, главните критериуми за прифатливост и приоритизација, како и информации за тоа како да се развијат успешни проектни идеи, а потоа и концепт-белешки и целосни проектни предлози, ве молиме погледнете ги следните документи:
· Open Call for Project Ideas for GCF financial support
· Applicant Guidelines for Developing Project Ideas for the GCF