Оцена на вклученоста на приватниот сектор во климатски активности и инвестиции

Преку вториот проект на Северна Македонија од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка за Зелениот климатски фонд (ЗКФ) „Зајакнување на националните капацитети за ублажување и адаптација кон климатските промени и финализирање на Работната програма за Зелениот климатски фонд на Република Северна Македонија“, Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО) го поддржува Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како Национален назначен орган за ЗКФ и други релевантни чинители, да го прошират нивното знаење и да ја зајакнат сопственоста за пристапување до финансиските средства на ЗКФ, како и да идентификуваат потенцијални можности за климатско финансирање во деветте приоритетни сектори во државата (енергетика, транспорт, земјоделство, биодиверзитет, здравство, водни ресурси, шумарство, отпад и културно наследство).

Овој проект за подготвеност дава посебен акцент на ослободување на потенцијалот на приватниот сектор за инвестирање поврзани со климатските промени. Во овој контекст, ФАО работи со Владата да се мапираат актерите во приватниот сектор и да им се помогне целосно да ги искористат можностите за трансформациски инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, што исто така може позитивно да влијае на ефикасноста и профитабилноста на нивното работење.

Беше спроведено мапирање на актерите од приватниот сектор со постоечка или потенцијална улога во поддржување на климатски активности во Северна Македонија, вклучително деск анализа на националните стратегии релевантни за климатско финансирање на приватниот сектор, анализа на постојните банкарски производи релевантни за климатски инвестиции, како и онлајн анкета за климатските активности и инвестиции од приватниот сектор.

Онлајн анкетата беше спроведена во периодот јануари-февруари 2021 г. и се дистрибуираше до околу 180 приватни компании во Северна Македонија, директно и преку стопанските комори и асоцијации. Анкетата имаше за цел да испита колку компаниите ги разбираат климатските промени, климатските финансии и технологиите за адаптација и ублажување на климатските промени. Вкупно 70 компании одговорија на анкетата.

Дополнително на анкетата, во јули 2021 г. беа спроведени четири дискусии за фокус-групи со претставници од приватниот сектор, како дел од вториот подготвителен проект за ЗКФ, кои дадоа дополнителен увид во ставовите и предизвиците на приватните компании од секторите енергетика, земјоделство, транспорт, градежништво, производство и ИКТ да се вклучат во климатска акција и инвестиции.

Препораките од спроведената анкета и дискусиите на фокус-групите имаат за цел да ги поддржат креаторите на политики подобро да ги разберат предизвиците со кои се соочуваат приватните компании во однос на климатски активности и да дизајнираат политики, решенија и финансиски инструменти кои ефективно ќе ги поддржат компаниите и ќе мобилизираат приватни инвестиции за климатска акција и зелен развој.

Конечно, податоците собрани преку анкетата се важен инпут за првата македонска веб алатка за ангажирање на приватниот сектор со Зелениот климатски фонд, која моментално се развива од страна на ФАО и ННО, и ќе помогне во зајакнување на знаењето на македонските приватни компании поактивно да се вклучат во климатски инвестиции.  

Извештајот од спроведената анкета со препораки ќе биде објавен наскоро на веб страницата на Националниот назначен орган за ЗКФ.

 

 

НАШИОТ БИЛТЕН

Пријавете се за билтенот “Северна Македонија и Зелениот климатски фонд” за да ги добиете најновите вести за ангажманот на земјата со Зелениот климатски фонд, вклучително приоритети, процедури, ресурси, консултации, вести и настани поврзани со Зелениот климатски фонд во Република Северна Македонија.

TOP